Оваа година ќе биде историска година со најголемиот инвестициски бум и со реализација на најдолго очекуваните проекти.
Од Владата на РМ, општина Бутел ќе добие 6 МИЛИОНИ ЕВРА.
Во општина Бутел ќе биде изградена нова модерна поликлиника, нов дом на културата со плоштад, нов затворен базен, нови мостови, нови спортско-рекреативни центри или вкупно 35 проекти кои се долго очекувани од граѓаните на општина Бутел.
Ова се проекти со кои општина Бутел аплицираше на јавниот повик за капитални инфраструктурни проекти од страна на Владата.
Новата модерна поликлиника ќе биде изградена на ДУП за градска четврт ССИ15, блок 8 и блок 11 на површина од 2300 метри квадратни. Ќе биде изградена на два ката со паркинг простор.
Оваа поликлиника ќе обезбеди широк спектар на здравствени услуги за граѓаните на општина Бутел.
Во општина Бутел ќе се изгради дом на културата, со плоштад веднаш до црквата “Раѓање на Свети Јован Крстител”.
За првпат во општината ќе се изгради дом на културата на два ката, со вкупна површина од 1000 метри квадратни.
Ново место кое ќе биде симбол на многу манифестации. Целиот простор ќе биде уреден со нов плоштад, фонтана и ново зеленило на површина од 4000 метри квадратни.
Исто така, ќе се изгради затворен базен во дворот на ООУ “Ацо Шопов” кој ќе биде нова содржина за учениците.
Во општината ќе се изградат нови мостови на река Серава – едниот на улица 18 на последна 57а, а другиот кај “морски”.
Покрај тоа, во општината ќе продолжи изградбата на нови спортско рекреативни центри, во населените места Радишани, Бутел и Кучевишка Бара.
Локалната самоуправа инвестира во патната инфраструктура како никогаш досега. Едни од клучните сообраќајници во сите населени места ќе бидат реконструирани, изградени нови пристапни патеки до сите влезови во населеното место Скопје-Север во должина од 4500 метри, реконструкција на големиот паркинг во населеното место Скопје-Север, како и уште неколку помали паркинг простори со што значително ќе се подобри паркирањето во Скопје-Север.
Исто така локалната самоуправа ќе инвестира во изградба на потпорен ѕид на улица 50.
Ова се проекти кои значително ќе ги подобрат условите за живот, безбедноста и здравјето на граѓаните.
Градоначалникот Дарко Костовски изрази благодарност до премиерот Христијан Мицкоски и Владата на Република Македонија која овозможи реализација на суштински проекти кои граѓаните на општина Бутел ги очекуваат со децении.
Општина Бутел се менува и развива како никогаш досега. Еднаков и рамномерен развој на сите населени места.
